četvrtak, 9. kolovoza 2012.

Final experiment: SAME LOVE AGAIN

Теорија за квантната љубов на Џ. Блант

Значи, ме очекуваше покажување на мерната вештина, така како што ме имаше научено физичарката. Особено да внимавам на дистанцата помеѓу оној што мери и она што го мери. Таа никогаш не ги земаше предвид моите негодувања апропо безграничноста, т.е. секогаш кога приговарав дека „сето ова не постои, па како да се измери…“, таа ќе напишеше на таблата нешто од типот – центарот на сите движења е неподвижен или слично, и ќе ми речеше дека за домашна задача имам да го напишам исказот илјада пати. Добро, но нема да верувам, си мислев за себе.
На патот кон Песталоци го шуткав камчето и размислував како да го осмислам перформансот за да поентирам со доказот за непостоењето на материјата, иако учителката ме предупреди дека тоа во никој случај не смее да излезе на виделина, оти наводно со тоа ќе сум ја покажела својата ахилова пета, моето убедување дека она што другите го сметаат за физика всушност е хемија. Хихихи.





Камчето веќе стаса до влезната капија на училиштето, а мене ми се појави визија за експериментот: ќе скинам едно јаболко од училишниот двор, ќе го ставам под стаклено ѕвоно и ќе докажам зошто не треба да се јаде. Ќе докажам дека јаболкото е проекција на она што колегите од математичката катедра го нарекуваат „ум“, и дека затоа гладта што ја чувствуваме никогаш не може да биде задоволена со внесување на уметнички артефакти.
-          Туку?  - се јави гласот на замислениот и по малку загрижен Хајзенберг. - Се надевам нема да јадеш нешто неодредено?
-          Не, не, напротив. Ќе го измерам времето што му е потребно на јаболкото да изгние и да ѝ се врати на својата негација. Потоа со мала помош на пријателите од „повисоките сфери“, ќе ја демонстрирам Точката од каде што сè извира.
-          Мислиш дека гладта на оној кој набљудува не е вистинска?
-          Не е. Сето ова е само сенка на безграничната светлина која само отсјајува, отсјајува и отсјајува...






За тоа време, јаболкото беше почнало да гние и под оклопот на стакленото ѕвоно почнаа да лазат црви. Од јаболкото ни трага ни глас. Признавам дека во ова исчезнување се вброи и моето сомневање во моќта на трпението. Тоа да ти била силата што ги движи сите преобразувања во светов. Инаку, кој, и во најлудите соништа би можел да се понадева дека кутрата дудинка, некогаш ќе стане свила?