Жабата секогаш е тука, како бедем на стварноста. Нејзината крастава кожа е почетокот на приказната. Потенцијалните принцези во принцип се алергични на краста и страдаат од синдром на „сегашност“, поради што не можат просто да замижат и во занесот на едно салто мортале за подобро утре, да ја допрат краставата уста. Затоа нивниот потенцијал останува неискористен, а тајната на внатрешните метаморфози неоткриена.
Сè јава на бранот на слаткиот космички бакнеж кој им го враќа вистинскиот облик на нештата.
Сè јава на бранот на слаткиот космички бакнеж кој им го враќа вистинскиот облик на нештата.
Така, навидум се неспоиви елементите на кравјо лудило, жабји копани, магарешко опавче и кралски кринови, но во принц-ип сето тоа е едно исто. Наместо некој да истражува до бескрај со алхемиски трикови google for free, доволно е однапред да знае што да посака…
Бев на пазар. Купував домат, лук, тиквички. Потоа не сакав да ги земам од тезгата, почнав да трчам бегајќи од можноста дека ќе се видам, себеси.
Од десната страна навистина стоев Јас.
Продавачката се стрча по мене. Се бркавме низ тезгите. Конечно ми ги даде доматите и останатото.
Кога стасав дома видов дека денот не е заведен под одреден број во календарот и не можам да ја документирам ненадејната фуга. Се сетив на лисјата коишто паѓаат циклично, не само еднаш и не засекогаш. Можеби затоа овој ден не постои, за да го прекине ова неподносливо гонење низ тезгите, кога мислиш дека бегаш од смртта, а всушност ѝ трчаш во пресрет.
Од каде таа суптилна нелагодност, протната побрзо од светлината низ иглените уши на мојава Стварност?
Гледам, низ сликата за себе, влегла и ми ги проектира другите. Сенки, загатнати чувства, почетоци, сè на сè нежно но сепак непријатно ме притиска преку можноста да се биде мост помеѓу себе и другото.
Од квасецот на егото стасуваат сè повкусни крофни – упатства, рецепти, совети. Само еден спрат погоре не мора да се јаде.
Сите патишта водат кон лифтот и со напуштањето на тежеста, светлината ги сплескуваискуствата во проѕирни пергаменти на она што доаѓа во вид на изобилство без никакви ограничувања и крај на сите не.