На места каде што не е...кога бев дете, не ме забележуваше
зашто како дете мислев, морав да ги носам тие темни очила за сонце, за да не
бидам веднаш фатена на дело
Мојот прв акт на самоволие беше тоа што бев твоја копија без
да знаеш
И беше опасно секое твое движење кон внатре
Можеше да се препознаеш ако малку подолго гледаш
Почнав да ставам маски
И заземав поза на палма, топола, бреза и врба
И ти – поминуваше покрај мене
Вистински мислејќи дека сум тоа што го гледаш
Сè додека еден ден од врбата не почна да капе
Како во старата куќа, да капе врз твојата глава
И повторно не ме препозна
Јас ти мафтав од таа капка ти давав чудни знаци дека сум Ти
Дека треба само да се сетиш на Себеси, како во старите бајки
Кога од калта на овој свет изѕидуваш летало и се вивнуваш
Значи, ме
очекуваше покажување на мерната вештина, така како што ме имаше научено
физичарката. Особено да внимавам на дистанцата помеѓу оној што мери и она што
го мери. Таа никогаш не ги земаше предвид моите негодувања апропо
безграничноста, т.е. секогаш кога приговарав дека „сето ова не постои, па како
да се измери…“, таа ќе напишеше на таблата нешто од типот – центарот на сите движења е неподвижен
или слично, и ќе ми речеше дека за домашна задача имам да го напишам исказот
илјада пати. Добро, но нема да верувам, си мислев за себе.
На патот кон Песталоци го шуткав камчето и размислував како
да го осмислам перформансот за да поентирам со доказот за непостоењето на
материјата, иако учителката ме предупреди дека тоа во никој случај не смее да
излезе на виделина, оти наводно со тоа ќе сум ја покажела својата ахилова пета,
моето убедување дека она што другите го сметаат за физика всушност е хемија.
Хихихи.
Камчето веќе стаса до влезната капија на училиштето, а мене
ми се појави визија за експериментот: ќе скинам едно јаболко од училишниот двор,
ќе го ставам под стаклено ѕвоно и ќе докажам зошто не треба да се јаде. Ќе
докажам дека јаболкото е проекција на она што колегите од математичката катедра
го нарекуваат „ум“, и дека затоа гладта што ја чувствуваме никогаш не може да
биде задоволена со внесување на уметнички артефакти.
-Туку? - се
јави гласот на замислениот и по малку загрижен Хајзенберг. - Се надевам нема да
јадеш нешто неодредено?
-Не, не, напротив. Ќе го измерам времето што му е
потребно на јаболкото да изгние и да ѝ се врати на својата негација. Потоа
со мала помош на пријателите од „повисоките сфери“, ќе ја демонстрирам Точката
од каде што сè извира.
-Мислиш дека гладта на оној кој набљудува не е
вистинска?
-Не е. Сето ова е само сенка на безграничната светлина
која само отсјајува, отсјајува и отсјајува...
За тоа време, јаболкото беше почнало да гние и под оклопот
на стакленото ѕвоно почнаа да лазат црви. Од јаболкото ни трага ни глас.
Признавам дека во ова исчезнување се вброи и моето сомневање во моќта на
трпението. Тоа да ти била силата што ги движи сите преобразувања во светов.
Инаку, кој, и во најлудите соништа би можел да се понадева дека кутрата
дудинка, некогаш ќе стане свила?
Немав полни дванаесет години кога учителката со креда од
бела гасена вар на излупената табла го пишуваше името на лекцијата, со крескав звук
на расштимано човечко грло и глас на принудна реалност објавувајќи – Хајзенберговиот принцип на неопределеноста...
Кога го заврши предавањето, и кога застана на среде училница
прашувајќи
-Може ли некој да повтори што кажав?
Не можев да одолеам, а премолчав.
Сакав да ѝ
кажам дека јас сè уште бев со Нилс Бор и дека не ќе можам туку така да ја
заборавам својата прва љубов со проста замена на принципите. Сè
уште од внатрешната страна на моето училишно ранче пишуваше „спротивностите се
комлементарни“, а јас немав резервнен ранец, на кој би ги испишала новите
формули за полесно да ги заборавам старите.
Учителката ми го даде шублерот и го прекина моето
размислување вклучително втренчениот поглед низ прозорецот, во училишниот двор,
неколкуте кучиња-скитници што се влечкаа наваму натаму прогонувани од роеви
муви. Што ли ќе правам со моите физичари?
-Ќе направиш експеримент, -рече, небаре го виде
текот на моите мисли – ќе го измериш растојанието од замислената точка А до вистинската
точка Ш и ќе го повторуваш опитот, се додека не се поклопат внатрешните и
надворешните мерења.
-Како да го одредам местото на почетокот?
-Ќе се вратиш назад...
-Назад – во што? – но останатите ученици,
станувајќи од седиштата, веќе го направија шумот во доволна мера, за да не
можам да го слушнам одговорот на учителката – се обидов да прочитам од
нејзините усни, но и сликата беше матна, таа заличи на екран кој штотуку ја
загубил врската со својот извор на сигнали, и јас повторно се загледав низ
прозорецот. Кучињата беа без трошка сомнеж убедени дека законот на акцијата и
реакцијата кога тогаш ќе се покаже како точен и ќе ги даде своите први плодови
ако не во поголем избор на коски,
тогаш барем во некаков свет во кој родот на мувите би бил симнат од таблата на
можностите. Додека со речиси безживотни движења на шепите се бранеа од нападите
на немукаетот, мене и понатаму во главата ми ѕвонеше – Табула гнаса, а не сакав
да си играм со буквите, особено не сега, кога едно од главните кучиња ги
подигна очните капаци и ме погледна право во очи.
-Во пантеонот на моето срце(!) пелтечеше кучето,
ти си мојата прва љубов, и мојот прв вкус на божественото. Морав да заминам и
да станам скитник за да не те заробам во олтарот на опсесивната...
-Посесивност.
Останав со шублерот во рака, а заборавив да
прашам каде ќе се одржи натпреварот за петооделенците. Само неколку метри
потаму, на огласната табла пишуваше – во фислултурната сала на училиштето
„Песталоци“. Аха, си реков, до таму можам и пешки, и таман тоа време ќе го
искористам за експериментот.
Ова е легенда за природната музикалност на луѓето.
Имено, родот на штурците постоел пред да настанат Музите, и
кога овие запеале, штурците толку се потресле од задоволство (хедоне), што
заборавиле да јадат и пијат, заборавиле на самите себе, се исушиле и згинале,
но од тој род на штурците-љубители на музите настанал човечкиот род,
кој исто како штурците во врвно музичко
задоволство станува гласник на некоја од Музите...
Во градот Скопје живееше жена којашто знаеше да вклучи
телевизор и да гледа слики во времето. Со својата далечинска контрола го
следеше текот на мислите до точката на непоистоветување, само гледајќи.
И кога
ќе пукнеше катодната цевка, жената знаеше да рече: „не се фаќај во замката на
зборовите, just do it...”
Кога подолго време практикуваш одреден начин на живеење со
цел да ја постигнеш посакуваната рамнотежа како повеќе не би губел време во
лечење и залекување на разни болести, и кога на крајот, постигнувајќи ја или
барем нешто блиску до тоа, се случува да бидеш исфрлен од истата таа толку
посакувана рамнотежа, со многу помал удар отколку претходно, кога всушност на
некој начин во вртлогот на нерамнотежата, како да си бил имун на цела една
палета на удари, можеби токму заради таа „ненамерно-намерна“ камуфлажа со
некоја помала болешка, евентуално некој едвај забележлив синдром... Си одбираш
еден хендикеп по мера, се притајуваш во срцето на слабоста и сето тоа го
исфрлаш во првите редови, да им направи збунка на трагоследачите.
И кога по некое време ќе ти ја разбијат и таа лозинка,
обично од софистичко - хакерски побуди, во рамките на прозорецот останува
соголена твојата силуета на јагне-лав, припитомено животно коешто во име на
новата љубов се обидува на сите можни начини да го заштити лицето на својот нов
Господар, самата Вистина.