nedjelja, 2. rujna 2012.

погледот на безгрижната монада - агапи

хоризонтите на безгрижната самост - огледало

Еве сме пак
Ко ранети птици
Чекаме ветрот да каже
Што ли ќе биде
Додека го бараш својот одраз во мене, и се чудиш,
Заминав по којзнае којпат
Да го барам мојот БОГ
На места каде што не е...кога бев дете, не ме забележуваше зашто како дете мислев, морав да ги носам тие темни очила за сонце, за да не бидам веднаш фатена на дело


Мојот прв акт на самоволие беше тоа што бев твоја копија без да знаеш
И беше опасно секое твое движење кон внатре
Можеше да се препознаеш ако малку подолго гледаш
Почнав да ставам маски

И заземав поза на палма, топола, бреза и врба
И ти – поминуваше покрај мене
Вистински мислејќи дека сум тоа што го гледаш

Сè додека еден ден од врбата не почна да капе
Како во старата куќа, да капе врз твојата глава
И повторно не ме препозна
Јас ти мафтав од таа капка ти давав чудни знаци дека сум Ти

Дека треба само да се сетиш на Себеси, како во старите бајки
Кога од калта на овој свет изѕидуваш летало и се вивнуваш
во радост


četvrtak, 9. kolovoza 2012.

Final experiment: SAME LOVE AGAIN

Теорија за квантната љубов на Џ. Блант

Значи, ме очекуваше покажување на мерната вештина, така како што ме имаше научено физичарката. Особено да внимавам на дистанцата помеѓу оној што мери и она што го мери. Таа никогаш не ги земаше предвид моите негодувања апропо безграничноста, т.е. секогаш кога приговарав дека „сето ова не постои, па како да се измери…“, таа ќе напишеше на таблата нешто од типот – центарот на сите движења е неподвижен или слично, и ќе ми речеше дека за домашна задача имам да го напишам исказот илјада пати. Добро, но нема да верувам, си мислев за себе.
На патот кон Песталоци го шуткав камчето и размислував како да го осмислам перформансот за да поентирам со доказот за непостоењето на материјата, иако учителката ме предупреди дека тоа во никој случај не смее да излезе на виделина, оти наводно со тоа ќе сум ја покажела својата ахилова пета, моето убедување дека она што другите го сметаат за физика всушност е хемија. Хихихи.





Камчето веќе стаса до влезната капија на училиштето, а мене ми се појави визија за експериментот: ќе скинам едно јаболко од училишниот двор, ќе го ставам под стаклено ѕвоно и ќе докажам зошто не треба да се јаде. Ќе докажам дека јаболкото е проекција на она што колегите од математичката катедра го нарекуваат „ум“, и дека затоа гладта што ја чувствуваме никогаш не може да биде задоволена со внесување на уметнички артефакти.
-          Туку?  - се јави гласот на замислениот и по малку загрижен Хајзенберг. - Се надевам нема да јадеш нешто неодредено?
-          Не, не, напротив. Ќе го измерам времето што му е потребно на јаболкото да изгние и да ѝ се врати на својата негација. Потоа со мала помош на пријателите од „повисоките сфери“, ќе ја демонстрирам Точката од каде што сè извира.
-          Мислиш дека гладта на оној кој набљудува не е вистинска?
-          Не е. Сето ова е само сенка на безграничната светлина која само отсјајува, отсјајува и отсјајува...






За тоа време, јаболкото беше почнало да гние и под оклопот на стакленото ѕвоно почнаа да лазат црви. Од јаболкото ни трага ни глас. Признавам дека во ова исчезнување се вброи и моето сомневање во моќта на трпението. Тоа да ти била силата што ги движи сите преобразувања во светов. Инаку, кој, и во најлудите соништа би можел да се понадева дека кутрата дудинка, некогаш ќе стане свила?