ponedjeljak, 23. srpnja 2012.

LOVE YOUR NEIGHBOUR

Новата лекција за Contraria sunt complementa

Немав полни дванаесет години кога учителката со креда од бела гасена вар на излупената табла го пишуваше името на лекцијата, со крескав звук на расштимано човечко грло и глас на принудна реалност објавувајќи – Хајзенберговиот принцип на неопределеноста...
Кога го заврши предавањето, и кога застана на среде училница прашувајќи
-          Може ли некој да повтори што кажав?
Не можев да одолеам, а премолчав. Сакав да ѝ кажам дека јас сè уште бев со Нилс Бор и дека не ќе можам туку така да ја заборавам својата прва љубов со проста замена на принципите. Сè уште од внатрешната страна на моето училишно ранче пишуваше „спротивностите се комлементарни“, а јас немав резервнен ранец, на кој би ги испишала новите формули за полесно да ги заборавам старите.
Учителката ми го даде шублерот и го прекина моето размислување вклучително втренчениот поглед низ прозорецот, во училишниот двор, неколкуте кучиња-скитници што се влечкаа наваму натаму прогонувани од роеви муви. Што ли ќе правам со моите физичари?
-          Ќе направиш експеримент, -рече, небаре го виде текот на моите мисли – ќе го измериш растојанието од замислената точка А до вистинската точка Ш и ќе го повторуваш опитот, се додека не се поклопат внатрешните и надворешните мерења.
-          Како да го одредам местото на почетокот?
-          Ќе се вратиш назад...
-          Назад – во што? – но останатите ученици, станувајќи од седиштата, веќе го направија шумот во доволна мера, за да не можам да го слушнам одговорот на учителката – се обидов да прочитам од нејзините усни, но и сликата беше матна, таа заличи на екран кој штотуку ја загубил врската со својот извор на сигнали, и јас повторно се загледав низ прозорецот. Кучињата беа без трошка сомнеж убедени дека законот на акцијата и реакцијата кога тогаш ќе се покаже како точен и ќе ги даде своите први плодови ако не во поголем избор на коски, тогаш барем во некаков свет во кој родот на мувите би бил симнат од таблата на можностите. Додека со речиси безживотни движења на шепите се бранеа од нападите на немукаетот, мене и понатаму во главата ми ѕвонеше – Табула гнаса, а не сакав да си играм со буквите, особено не сега, кога едно од главните кучиња ги подигна очните капаци и ме погледна право во очи.
-          Во пантеонот на моето срце(!) пелтечеше кучето, ти си мојата прва љубов, и мојот прв вкус на божественото. Морав да заминам и да станам скитник за да не те заробам во олтарот на опсесивната...
-          Посесивност.
Останав со шублерот во рака, а заборавив да прашам каде ќе се одржи натпреварот за петооделенците. Само неколку метри потаму, на огласната табла пишуваше – во фислултурната сала на училиштето „Песталоци“. Аха, си реков, до таму можам и пешки, и таман тоа време ќе го искористам за експериментот.
(продолжува)


Nema komentara:

Objavi komentar