ponedjeljak, 3. rujna 2012.

SUM? Ergo...ahaa... OUI

Мислечко Магаренце а ла Рене


На влезот во училницата лежеше мало згужвано листе залепено за подот со некаква мешавина од прав, зрнца песок и стопени снегулки што ги внесуваа крцкавите зимски чевли најчесто завиткани во крзно.
Го подигнав парчето хартија надевајќи се дека никој не забележа. Подоцна ќе го прочитам, си мислев. Рене седеше во магарешката клупа со затворени очи и усни коишто нечујно нешто мрмкаат. Ова со мислењето беше неговиот последен испад којшто учителката не можеше да му го прости.
-          - Мислам, значи на некој начин јас сум магаре! – викаше Декарт, колку што го држеше гласот. Учителката беше бледа како крпа и сите чекавме да почне да вреска. Но во тоа секако ќе ја попречеа повремените засилувања на звукот што доаѓаа од грлото на Рене...
-          - Рене! Реееееене! Престани! Мирен!
Но Рене не можеше да ја слушне, заради буката во неговата глава. Знаев што му се случува, а немаше како да му помогнам. Мораше сам да излезе од таа замка на мозокот.
-          - Магаре да сум, раат да сум!!!
-          Рене, престани да мислиш. Сè е толку едноставно. Прво постојам, а потоа ако сакам, можам и да мислам, и тоа, можам да мислам сè што ќе посакам. Но процесот на мислење е најмалку важен. Се обидував однатре да му ги наметнам овие мисли, за да го смирам. Попусто. Почна да ја свирка РЕБЕЛ, РЕБЕЛ; толку те сакам... (Rebel Rebel, I. Pop, 1969)


-          „Којзнае што сум“, и „дали воопшто постојам“, „кога мислам, речиси не постојам“, беше начкрабано на листето, а детето што седеше зад Рене препиша КОГИТО, наместо СУМ, и овој погрешен препис ја збуни учителката. Кој напишал Штраус наместо И.Поп? Сите молчеа, повеќе од страв отколку заради инает. Така некако Историјата го правеше својот залет од скокалницата на идеи, изведувајќи ги своите чудни, неочекувани салта коишто учениците не можеа лесно да ги запомнат туку им беа потребни часови, денови, години учење и повторување, за потоа бесконечно да репродуцираат глупости, како ова со шегата на Рене. Тој наводен доказ за постоењето, неколку дена со ред мораше да седи во магарешка клупа бивајќи искушуван околу димензиите на раатот. 

Nema komentara:

Objavi komentar